УТРО.мк

УЈП достави 862.896 годишни даночни пријави: Рок за потврда до 31 мај

УЈП достави 862.896 годишни даночни пријави: Рок за потврда до 31 мај
Vero

Управата за јавни приходи ги извести граѓаните дека во тек е постапката за проверка и потврдување на годишните даночни пријави за доход (ДЛД-ГДП), кои оваа година опфаќаат 862.896 документи. Сите даночни обврзници што во текот на 2025 година оствариле приходи ќе можат да ги прегледаат своите пријави електронски, преку системот „е-Даночни услуги“, нивниот профил на „МојДДВ“ или преку регистрираната електронска пошта.

Од УЈП појаснуваат дека граѓаните имаат обврска внимателно да ги проверат доставените податоци. Доколку се точни, пријавата треба да се потврди, а во случај на утврдени разлики или неточности, истата може да се коригира или дополни. Крајниот рок за завршување на оваа постапка е 31 мај 2026 година.

Институцијата упатува и апел до оние кои сè уште не се регистрирани во системот за електронски даночни услуги да го сторат тоа што е можно поскоро, за да имаат пристап до своите податоци и обврски. По истекот на рокот, непотврдените пријави автоматски ќе се сметаат за конечни.

Во случаи кога даночниот обврзник ќе направи измени во пријавата, истата потоа подлежи на дополнителна проверка и одобрување од страна на службено лице во УЈП. Доколку нема корекции, врз основа на постојните податоци се издава решение за пресметка на данокот на личен доход.

Граѓаните кај кои е утврдено дека платиле повеќе данок од потребното имаат право да побараат поврат, при што е потребно да внесат важечка трансакциска сметка во самата пријава. Од друга страна, за оние со дополнителна обврска, по завршувањето на рокот ќе бидат генерирани налози за уплата со фолио број.

Од УЈП дополнително нагласуваат дека податоците од годишните пријави се користат и за издавање разни уверенија за остварен доход, како и за остварување права пред државните институции, поради што точноста на внесените информации е од клучно значење.

Посебно внимание се посветува и на даночните обврзници кои во текот на 2025 година оствариле приходи над 2 милиони денари по одредени основи, како изнајмување деловен простор или давање услуги. Тие имаат законска обврска да се регистрираат како ДДВ обврзници, а во одредени случаи тоа може да биде извршено и службено од страна на УЈП.

За сите дополнителни прашања, граѓаните можат да се обратат до Контакт центарот на УЈП на телефонските броеви 02 3253 200 и 0800 33 000 или преку електронска пошта на [email protected].

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран