СЗО предлага: Повисоки даноци на тутунот, алкохолот и засладените пијалаци – цените би можеле да пораснат за 50 отсто
Светската здравствена организација (СЗО) ги повикува државите да воведат повисоки даноци на тутунот, алкохолот и засладените пијалаци, со цел цените на овие производи да се зголемат за најмалку 50 проценти во наредната деценија. Ова е досега најсилната поддршка од СЗО за т.н. „здравствени даноци“, кои имаат за цел и подобрување на јавното здравје и зголемување на буџетските приходи.
Според СЗО, ваквиот пристап би помогнал во намалување на потрошувачката на производи кои значајно придонесуваат за хронични болести – како дијабетес, карцином и срцеви заболувања – а истовремено би обезбедил значаен прилив на средства во време кога развојната помош се намалува, а јавниот долг расте.
„Здравствените даноци се еден од најефикасните инструменти што ги имаме на располагање. Време е за акција“, изјави д-р Џереми Фарар, помошник генерален директор на СЗО за промоција на здравјето и превенција на болести.
Новата иницијатива на СЗО, наречена „3 за 35“, беше претставена на конференцијата на ОН за финансирање на развојот во Севиља. Според проценките на организацијата, само со воведување на оваа стратегија, земјите би можеле да соберат до 1 трилион долари до 2035 година. Примерите на Колумбија и Јужна Африка покажуваат дека ваквите даноци веќе даваат резултати.
Иако СЗО веќе подолго време повикува на поскапување на цигарите преку даночна политика, ова е првпат официјално да предложи таргетирано зголемување на цените за сите три категории производи: тутун, алкохол и засладени пијалаци.
Генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, истакна дека приходите од овие даноци може да им помогнат на државите да се прилагодат на новите реалности и да ги зајакнат своите здравствени системи.
Во периодот од 2012 до 2022 година, речиси 140 земји веќе го зголемиле данокот на тутун, со што цените се зголемиле во просек за над 50 отсто, потсетуваат од СЗО.
Дополнително, организацијата најави дека во наредните месеци ќе го финализира концептот за „ултра-преработена храна“ и ќе разгледа можности и за нејзино оданочување. Сепак, од СЗО предупредуваат на можно жестоко противење од засегнатите индустрии.
Иницијативата „3 за 35“ е поддржана од Bloomberg Philanthropies, Светската банка, како и од ОЕЦД, а целта е да им се помогне на државите кои сакаат да преземат храбри чекори за заштита на јавното здравје.