Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на маргините на Бизнис форумот „Италија – Македонија“ оствари продуктивна средба со заменичката министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Марија Триподи. Средбата беше насочена кон унапредување на соработката меѓу двете земји во областа на енергетиката.

Божиновска истакна дека енергетскиот сектор е клучен за економскиот раст, стабилноста и заедничката зелена транзиција, додавајќи дека интересот на италијанските компании за вложување во обновливи извори на енергија, нови технологии и енергетска инфраструктура претставува значајна можност за Македонија.

„Македонија е подготвена за нови инвестиции. Имаме јасна визија, конкретен план и стабилна регулаторна рамка,“ нагласи Божиновска, додавајќи дека земјата е подготвена да биде кредибилен партнер за сериозни европски инвеститори.
Министерката подвлече дека соработка со држави како Италија може да го трансформира регионот во јадро на чиста енергија и дека со здружени сили може да се постигнат амбициозни климатски цели.