Здравјето е највредното нешто што го имаме. Ниедно богатство не може да го замени, ниту да го спаси човекот кога телото ќе се побуни. Затоа и не е случајна изреката ‒ подобро да се спречи, отколку да се лечи.
Во секој град и секое маало, аптеката е местото каде што оваа вистина станува дел од секојдневието. Таа не е само простор со полици полни со лекови, туку првата станица кога здравјето ќе се наруши. Таму фармацевтот е од доверба, а зад тие производи и етикети стои жива индустрија што пулсира со здравјето на луѓето и остварува сериозна економска активност.
Анализата на порталот Пари, во која се користени податоците од Бизнис Мрежа, опфаќа 10 аптекарски фирми, кои се на врвот според приходот и добивката. Вкупно 192,8 милиони евра приходи, 4,7 милиони евра добивки и 2.010 вработени ја одразуваат силата и значењето на секторот трговија на мало co фармацевтски производи во македонската економија. Тоа е индустрија што постојано расте, балансирајќи меѓу здравјето на луѓето и стабилноста на пазарот.
КОИ СЕ НАЈМОЌНИТЕ БРЕНДОВИ ВО ФАРМАЦИЈАТА?
Приходите на македонските аптеки за 2024 година се движат во широк опсег ‒ од 3 до 66,1 милион евра.
Лидер е Зегин Фарм Скопје со 66,1 милион евра, што ја позиционира како најмоќен бренд и најпрепознатливо име во фармацевтската малопродажба. Компанијата, основана уште во 1989 година, има најразвиена мрежа и највисоки плати во дејноста, што се рефлектира и во стабилните финансиски резултати.
На второ место е Моја Аптека Скопје со 49,4 милиони евра приход, која потекнува од истото семејство и го пренесува искуството и стратегијата на Зегин во модерен, проширен систем.
урофарм Битола е на третата позиција со 46,6 милиони евра, а нејзините аптеки имаат широка дистрибуција во повеќе градови, со силен локален бренд.
Понатаму следат Виа Фарм Вевчани (6,7 милиони евра) со раст од 41 насто во споредба со 2023 година, Виола Скопје (5,8 милиони евра), Мента Фарм Прилеп (4,2 милиони евра), Алпи Фарм (4,5 милиони евра) и Жива Фарм Велес (3,2 милиони евра).