Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во интервју за Радио Слободна Европа најави дека од 2026 година ќе стапат во сила законски измени со кои ќе се намалат банкарските трошоци за граѓаните.
„Нашите плати и заштеди се кај банките и таму треба да има фер однос кон граѓаните. Големите и средните банки веќе почнаа да ги намалуваат провизиите, но ќе одиме чекор понатаму“, изјави Славески.
Новите правила ќе предвидуваат основна платежна сметка со минимални или нулти трошоци за основни функции, како плаќање сметки и подигање готовина. Граѓаните ќе можат четири пати месечно да подигнат до 2.000 денари од банкомати без провизија, а плаќањата преку мобилно и електронско банкарство ќе бидат значително поевтини.
„Ова ќе важи за секој граѓанин и очекуваме ефективност од почетокот на 2026 година“, нагласи гувернерот, додавајќи дека мерките се дел од стратегијата за поголем пристап до финансиски услуги и намалување на трошоците.
Тој истакна дека ниските каматни стапки ќе продолжат поради високата ликвидност во банкарскиот сектор, а со стабилизирање на инфлацијата под три проценти, граѓаните ќе имаат појасни и поодржливи услови за кредити и други услуги.