Патувањата со авион во иднина може да станат значително поопасни поради се почестите силни турбуленции, предупредуваат научниците од Универзитетот во Рединг. Истражувањето покажува дека климатските промени и нарушувањата во јет-стримовите ќе предизвикаат драматично зголемување на опасните турбуленции до крајот на векот.
Особено загрижувачка е таканаречената clear-air turbulence (CAT), која се појавува неочекувано и не се гледа на радар, што ја прави тешко предвидлива и ризична за патниците и екипажот.
Истражувањето користело 26 модерни климатски модели и покажало дека во сценарија со зголемени емисии на CO₂, промената на брзината на ветерот може да се зголеми за 16–27%, што ќе ги погоди летовите низ целиот свет, без разлика на рутата.
Стручњаците апелираат авиокомпаниите да воведат нови технологии за предвидување турбуленции и да ја заострат безбедноста на патниците, додека тие се советуваат да го носат безбедносниот појас цело време за време на летот.