
Голем пожар попладнево избувна на депонијата „Мелци“ кај Кавадарци, а пламенот веќе се проширил и надвор од просторот на депонијата, зафаќајќи сува трева и вегетација.
На терен се кавадаречките пожарникари, кои се обидуваат да го запрат ширењето на огнот. Дополнително е ангажирана и механизација со која треба да се направат противпожарни пресеци и да се спречи пожарот да стигне до околните дрвја и лозја.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, оцени дека ситуацијата е алармантна токму поради близината на земјоделските површини и дрвјата околу депонијата.
Според неговите првични информации, постојат сознанија дека пожарот бил подметнат. И градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, посочи дека првичните информации од терен упатуваат на човечки фактор како можна причина за избувнувањето на огнот.
Пожарот создава густ црн чад кој се издига над депонијата, а поради ширењето кон околната вегетација, главниот приоритет на екипите е огнот да не прерасне во поголем пожар што би зафатил поширок простор.

















