Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, и директорот на Агенцијата за вработување, Селајдин Белули, денеска официјално го отворија јавниот повик за мерките 1.1 и 1.2 од Оперативниот план за вработување за 2025 година. Повикот е насочен кон поддршка на самовработување на невработени лица регистрирани во Агенцијата.
Мерката 1.1 предвидува финансиска поддршка од 430.500 денари (7.000 евра) за лица над 29 години, додека мерката 1.2 е наменета за млади до 29 години и нуди до 615.000 денари (10.000 евра) за основање сопствен бизнис. Обете мерки вклучуваат и претприемничка обука, подготовка на бизнис план и шестмесечно менторство.
„Овие мерки се директна инвестиција во потенцијалот на граѓаните и во локалната економија“, изјави министерот Дурмиши. Директорот Белули додаде дека мерките ќе овозможат одржливо вработување и рамномерна економска распределба низ сите осум плански региони.
Интересот за мерките е голем, а до 10:30 часот утрово веќе се поднесени над 200 апликации. Центрите на Агенцијата низ целата земја се подготвени за прием и обработка на пријавите.
Владината портпаролка Венера Азизи потсети дека со Оперативниот план за 2025 година ќе бидат опфатени над 16.000 граѓани, со рекорден буџет од 40 милиони евра. Таа истакна дека мерките се насочени кон поправеден и поинклузивен пазар на труд, со посебен фокус на младите, развојот на вештини и претприемништвото.