УТРО.мк

Побарувачката за огревно дрво опаѓа – клима-уредите и пелетите го заменуваат дрвото

Побарувачката за огревно дрво опаѓа – клима-уредите и пелетите го заменуваат дрвото
Vero

Во Прилеп годинава е забележан пад на побарувачката за огревно дрво. Иако ЈП „Македонски шуми – Црн Бор“ има склучено договори со граѓаните за околу 5.000 метри кубни дрва, кои ќе бидат испорачани до крајот на септември, трендот покажува дека интересот е намален за околу 10% во однос на минатата година, а за речиси 30% во последните години.

Цената на огревното дрво, која се движи меѓу 3.500 и 4.500 денари за кубик, не е главната причина за опаѓањето на побарувачката. Според раководителот на „Црн Бор“, Пецо Јовевски, најголеми фактори се намалувањето на бројот на населението поради иселувањето на младите, климатските промени кои носат поблаги зими, како и растечката свест за заштита на животната средина.

„Повозрасните граѓани кои остануваат во Прилеп немаат потреба од многу огревно дрво. Сè повеќе се ориентираат кон алтернативи како клима-уреди или пелети. Според нашите пресметки, дрвото е поисплатливо за загревање на една просторија, но за поголеми станови или куќи, централното греење е подобро решение“, истакнува Јовевски.

Дел од прилепчани потврдуваат дека новите навики се практични и поекономични. „Јас сум возрасна и не можам да се грижам за огревно дрво. Многу полесно и поевтино ми е да се греам со инвертер“, вели една жителка.

Јовевски дополнително предупредува дека останува сериозен проблем дрвокрадството и пожарите, поради што е неопходна построга контрола на терен. „Огромна заблуда е верувањето дека купувањето дрво ‘на диво’ е поевтино. Напротив, тоа само ја поттикнува илегалната сеча и ја загрозува природата“, заклучува тој.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран