Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Турција, земјите од Заливот или европските држави би можеле да бидат домаќини на можни разговори со рускиот претседател Владимир Путин.
Зеленски побара директна средба со Путин за ставање крај на војната, но од Москва возвратија дека сѐ уште не е подготвен дневен ред за таков состанок. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, потсети дека Русија инсистира лидерска средба да се одржи дури откако делегациите ќе усогласат конкретни точки од можен договор.
Дополнително, руската страна нагласува дека во Украина е сѐ уште на сила законот со кој се забрануваат преговорите со Москва и дека претседателскиот мандат на Зеленски е истечен, што отвора дилема околу валидноста на евентуален договор.
„Оваа седмица ќе има контакти со Турција, со земјите од Заливот и со европските држави кои би можеле да бидат домаќини на разговори со Русите. Ние сме подготвени да направиме сѐ за да ставиме крај на војната,“ рече Зеленски во своето редовно видео-обраќање.
Изјавата доаѓа во момент кога шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Ермак, и претседателот на украинскиот Совет за национална безбедност престојуваа во Катар на средба со тамошниот министер за одбрана.
Зеленски истакна дека можните преговори зависат од координацијата со западните партнери, особено со САД, кои, според него, треба да извршат доволен притисок врз Русија. „Русија испраќа сигнали дека сака да избегне вистински преговори. Тоа може да се промени само со силни санкции и царини – со вистински притисок,“ порача украинскиот претседател.