Соединетите Американски Држави се подготвени да обезбедат обавештајна поддршка, надзор на бојното поле и учество во европскиот воздушен одбранбен штит за Украина, пренесе Financial Times повикувајќи се на европски и украински извори.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела им порачал на европските лидери дека Вашингтон ќе биде дел од „координацијата“ на безбедносните гаранции за Украина по завршување на војната, со цел да се спречи нов напад од Русија.
Според извори запознаени со разговорите, САД нудат таканаречени „стратешки ресурси“ – разузнавачки, надзорни и извидувачки капацитети, командни структури и воздушна одбрана. Иако мисијата би ја предводеле Велика Британија и Франција, европските претставници признаваат дека таа би била невозможна без американска поддршка.
Ова претставува значаен заокрет на Трамп, чија администрација почетокот на годината ја исклучуваше секоја американска улога во обезбедување на Украина по војната. Сепак, тој нагласи дека САД нема да испратат војници на украинска територија, туку ќе помогнат преку воздушни и логистички капацитети.
Американската улога би вклучувала сателитски надзор, земјени радари и логистичка поддршка за воспоставување воздушен штит, како и можност за забрана на летање над Украина. Овие капацитети би биле клучни за контрола на прекин на огнот и координација на западните сили.
И покрај американската понуда, европската јавност и дел од политичарите остануваат скептични кон испраќање војници во Украина. Москва го одби предлогот за средба меѓу Путин и Зеленски, инсистирајќи на барања што Киев ги смета за неприфатливи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека веќе разговарал со военото раководство и партнерите за деталите на договорот. „Темпото мора да се забрза. Одбранбениот дел од безбедносните гаранции треба бргу да се конкретизира“, истакна тој.