Американски и руски официјални лица разгледувале неколку енергетски договори на маргините на мировните преговори за Украина во август, со цел поттикнување на Кремљ да прифати мир, објави Reuters повикувајќи се на пет извори запознаени со разговорите.
Според извори, САД ја разгледувале можноста Exxon Mobil да се врати во рускиот нафтен и гасен проект Сахалин-1, како и продажба на американска опрема за руски LNG проекти, вклучително и за Arctic LNG 2, кој е под западни санкции. Исто така, се дискутирало и за можност САД да купи нуклеарни ледоломци од Русија.
Разговорите се одвивале за време на посетата на американскиот изасланик Стив Виткоф во Москва, каде што се сретнал со рускиот претседател Владимир Путин и со неговиот изасланик за инвестиции Кирил Дмитриев.
Два извори откриле дека Белата куќа планирала да објави „ударна вест“ веднаш по самитот во Аљаска на 15 август, најавувајќи голем инвестиционен договор кој би го истакнал успехот на Доналд Трамп.
Во исто време, Трамп заплашил со воведување дополнителни санкции кон Русија доколку мировните преговори не напредуваат и со високи царини кон Индија, еден од клучните купувачи на руска нафта. Според извори, САД се обидуваат да поттикнат Русија да купува американска, а не кинеска технологија, како дел од стратегија за слабеење на руско-кинеското партнерство.
На истиот ден кога се одржал самитот во Аљаска, Путин потпишал декрет што би можел да овозможи повторно стекнување удели во Сахалин-1 за странски инвеститори, вклучително и Exxon Mobil.