УТРО.мк

Пановски до Левица: „Божиновска не управува со ЕСМ, ниту ја одредува цената на струјата“

Пановски до Левица: „Божиновска не управува со ЕСМ, ниту ја одредува цената на струјата“
Vero

Поранешниот пратеник Михаил Пановски реагираше на денешната прес-конференција на Левица, на која партијата ја критикуваше министерката за енергетика Сања Божиновска. Според Пановски, дел од критиките се однесуваат на прашања што не се во нејзина директна надлежност.

Пановски, кој бил дел од првиот парламентарен состав, вели дека чувствува должност да реагира кога во јавноста се изнесуваат тврдења за енергетиката што, според него, не го одразуваат начинот на кој функционира системот.

Тој посочува дека ЕСМ, поранешен ЕЛЕМ, е акционерско друштво во државна сопственост со сопствени органи на управување и надзор, назначени од Владата. Причините за зголемувањето на долгот на компанијата, според Пановски, имаат и објективни и субјективни аспекти и бараат посебна стручна анализа.

„Не можеш да напаѓаш некого, во случајот министерката Божиновска, кој нема никакви ингеренции за работите за кои го напаѓаш“, наведува Пановски во објавата. Тој додава дека министерката не учествува во управувањето со ЕСМ, а врз производството на електрична енергија влијаат и хидролошките услови, односно дотокот на вода во акумулациите.

Во однос на цената на струјата за домаќинствата, Пановски нагласува дека одлуките ги носи Регулаторната комисија за енергетика врз основа на пресметките доставени од енергетските компании. Реагира и на критиките поврзани со ЕВН, посочувајќи дека компанијата била избрана за универзален снабдувач за време на претходната влада.

Пановски ги оспорува и забелешките дека „ЕСМ Продажба“ не настапува на пазарот. Според него, компанијата најнапред треба да ги обезбеди потребите на универзалниот снабдувач, додека слабата хидрологија и состојбата со јагленот за РЕК Битола дополнително ги ограничуваат можностите за продажба на други количини струја.

Поранешниот пратеник појаснува дека ова е негова реакција на прес-конференцијата и дека сè уште не го прочитал текстот на интерпелацијата. Најавува дека ќе се осврне и на неа откако ќе ја добие. Во објавата упатува и остри политички критики кон Левица, за која вели дека ја смета за опасна по демократијата во Македонија.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран