УТРО.мк

Новиот Закон за енергетика носи паметни броила, заштита за граѓаните и поддршка за зелената транзиција

Новиот Закон за енергетика носи паметни броила, заштита за граѓаните и поддршка за зелената транзиција
Vero

Со новиот Закон за енергетика, кој деновиве беше презентиран на првиот јавен брифинг на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, се воведуваат историски реформи во македонскиот енергетски систем. Законот, кој содржи над 300 страници регулатива, целосно го транспонира европското законодавство за чиста енергија и поставува темел за дигитализирана, ефикасна и транспарентна енергетска инфраструктура.

Министерката Сања Божиновска истакна дека до 2031 година, 80 отсто од граѓаните ќе имаат паметни броила, што значи крај за паушалните сметки и почеток на прецизно и далечинско отчитување. „Секоја промена што ја донесовме има конкретен ефект: попрецизни сметки, повисоки стандарди и појасна одговорност“, нагласи таа.

Законот предвидува и формирање на енергетски заедници во станбени згради, задолжително складирање на 20% од произведената енергија од обновливи извори, како и нови правила за заштита на енергетски сиромашните граѓани – со забрана за исклучување во зимскиот период и фискални мерки за поддршка.

„Со новите мерки потрошувачот станува центар на енергетскиот систем“, истакна директорот на Електродистрибуција, Сашо Салтировски, посочувајќи дека веќе имаат инсталирано околу 200.000 смарт броила, а до крајот на годината ќе биде изработена студија за новата генерација броила што ќе се набавуваат од 2026 година.

Заменик-директорот на МЕПСО, Александар Пауноски, додаде дека батериите за складирање енергија ќе овозможат поголема стабилност и флексибилност на системот, а законот ги дефинира и новите технички стандарди за интеграција на обновливите извори.

Извршниот директор на ЕВН Македонија, Волфганг Мајер, оцени дека станува збор за „најдобар закон досега“ и додаде дека компанијата веќе активно работи на имплементацијата на новите регулативи.

Со новиот закон, граѓаните ќе имаат можност за смена на снабдувач за само 48 часа, ќе се воведе инвестициски план за следната деценија, а јавноста ќе добива јасни информации за пресметките на сметките и приговорите.

Министерството најави серија отворени настани за дополнително запознавање со законот. Следните теми ќе бидат гасификацијата, енергетската ефикасност и критичните минерали. „Ова е само почеток“, порача министерката Божиновска.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран