
Инфраструктурата останува еден од клучните приоритети на Владата, при што во земјава се реализираат повеќе големи проекти, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за поткаст.
Тој информира дека веќе се завршени и ставени во функција неколку значајни проекти, меѓу кои реконструкцијата на граничниот премин Деве Баир, обиколницата на Крива Паланка и експресниот пат Крива Паланка–Страцин. Следна фаза е изградбата на делницата Страцин–Романовце, која се реализира со поддршка од Европската Унија во рамки на Планот за раст.
Николоски посочи дека интензивно се работи на Коридор 8, вклучувајќи ги автопатските делници Тетово–Гостивар и Гостивар–Букојчани, додека за делот Букојчани–Кичево е во тек постапка за избор на изведувач со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Во однос на автопатот Кичево–Охрид, тој нагласи дека 34 километри веќе се во употреба, а целосното завршување се очекува до крајот на годината. Како предизвик ја посочи делницата Струга–Ќафасан, каде трасата треба да се усогласи со барањата на УНЕСКО, а договор се очекува во јуни.
Во делот на железницата, Николоски информира дека е пуштена во употреба делницата Куманово–Бељаковце, додека продолжението кон Крива Паланка е во тек. Се подготвува и најсложената делница од околу 24 километри, за која наскоро ќе биде објавен тендер, со цел конечно железничко поврзување со Бугарија.
„Заеднички ќе го градиме тунелот и по децении ќе ги поврземе Скопје и Софија“, изјави Николоски.
Тој најави и реконструкција на пругата Скопје–Кичево, изградба на обиколница за товарни возови околу Скопје и реализација на проектот „Градски воз“.






















