
Сериозен сообраќаен инцидент се случил рано утринава во Росоман, кога 23-годишен возач со патничко возило „БМВ“ излетал од коловозот и предизвикал значителна материјална штета на локалната инфраструктура и деловен објект.
Според информациите од СВР Велес, несреќата се случила околу 04:30 часот на улицата „Пролетерска“ во Росоман, кога возилото со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.М. (23) од Росоман, изгубило контрола од засега непознати причини.
На местото на настанот интервенирала увидна екипа од ОВР Кавадарци, која констатирала сериозни оштетувања.
Возилото, како што се наведува, најпрво удрило во низа столбови покрај патот, при што биле урнати бетонски и дрвени конструкции, по што автомобилот завршил во објект – локален дуќан, оштетувајќи дел од неговата структура.
Поради уривањето на инфраструктурата и кинењето на кабли, во делови од Росоман биле пријавени и привремени прекини во кабелска телевизија и интернет услуги.
Неофицијално, во возилото се наоѓале четири лица кои се враќале од свадбена прослава, а според првичните информации, поминале со полесни телесни повреди.
Полицијата работи на целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности за несреќата.





















