
Шефот на пратеничката група на опозициската Демократска партија во парламентот на Албанија, Газмент Барди, денеска го обвинил министерот за надворешни работи на земјата, Ферит Хоџа, дека во групна комуникација на апликацијата за пораки „Ватс ап“ (WhatsApp) употребил навредлив јазик кон Албанците во Северна Македонија, објавија албанските медиуми.
Нарекувајќи ја неговата наводна изјава скандалозна и неприфатлива, Барди побарал итна оставка од шефот на албанската дипломатија, посочувајќи дека таквата негова реторика го нарушува достоинството на Албанците поради што министерот не може да продолжи со извршувањето на неговите должности, пренесе националниот радиодифиузен сервис на Албанија – РТА.
Според телевизијата Топ ченл (Top-channel), пратениците на Демократската партија, Белинда Келичи и шефот на нивната пратеника група во албанскиот парламент, Газмент Барди денеска објавиле порака од групна комуникација на „Ватс ап“ во која, според нивните тврдења шефот на дипломатијата, Ферит Хоџа, за Албанците во Македонија вели: „Што велат тие албански идиоти“.























