
Сè повеќе германски домаќинства се на работ на финансиска криза, со рекорден број лични банкроти регистрирани минатата година. Според најновите податоци од компанијата за информации CRIF, во 2025 година биле поднесени 107.816 барања за лична инсолвентност, што претставува раст од 7,8 отсто во споредба со 2024 година. Очекувањата се дека бројот ќе продолжи да расте и во 2026 година.
Главната причина за порастот е скокот на трошоците за енергија и храна, кои ги надминуваат резервите на многу домаќинства. „Иако Германците генерално се повнимателни со штедењето, многумина веќе немаат доволно средства за да ги покријат растечките трошоци“, изјави Франк Шлајн, извршен директор на CRIF Германија. Просечниот долг на едно семејство кое прогласило инсолвентност изнесува околу 15.000 евра.
CRIF предвидува дека во 2026 година бројот на лични банкроти може да достигне 110.000, надминувајќи го рекордот од 2021 година. Еден од факторите за ова е новата законска промена која го скрати периодот за ослободување од долгови од шест на три години, што наведе дел од должниците да го одложат поднесувањето на барањата.
Најчувствителни на овие трендови се младите Германци. Во 2025 година, бројот на банкроти меѓу лицата на возраст од 18 до 20 години пораснал за неверојатни 52,6 отсто, а кај оние од 21 до 30 години за 28,6 отсто. CRIF предупредува дека лесниот пристап до купување на рати и услуги како „купи сега, плати подоцна“ делумно ја поттикнува оваа појава.























