
Во салите на Музејот на револуцијата во Хавана, некогашната претседателска палата блеска со мермер и кристални лустери. Таму, историјата е внимателно режирана. Фотографии од босоноги деца, колиби со каллив под и жени што готват над отворен оган треба да сведочат за бедата под диктатурата на Фулгенсио Батиста. Пораката на фотографијата е дека револуцијата од 1959 година, предводена од Фидел Кастро, ја извлекла Куба од мракот и ѝ донела достоинство, образование и независност од Вашингтон.
Но неколку километри подалеку, во предградие каде лимот и дрвените штици се градежен материјал од нужда, истата сцена од музејските ѕидови се повторува, само што овојпат не е историска фотографија, туку секојдневие.
Лисандра Ботеј секое утро оди до плажата за да собира гранки и парчиња дрво исфрлени од морето. Тоа е нејзината „енергетска политика“, импровизиран оган за да зготви појадок. Струјата, ако воопшто ја има, доаѓа во часови кога децата се на училиште. Нејзината деветгодишна ќерка понекогаш тргнува на настава без залак храна. Сопругот, Бренеи Хернандез, градежен работник со ретки ангажмани, го меша тенџерето со бел ориз – единствената сигурност во нивната кујна. „Секој ден ист глад“, вели тој.
Кризата не почна вчера. Пандемијата ја оттурна кубанската економија кон работ, а недостигот од гориво ја оттурна уште подлабоко. Куба со години зависеше од нафтената поддршка на Каракас, околу 35.000 барели дневно. Но по падот на венецуелскиот лидер Николас Мадуро и преземањето контрола врз нафтениот сектор од страна на САД, таа артерија пресуши.
Администрацијата на Доналд Трамп го засили ембаргото, заканувајќи се со царини за секоја земја што ќе испорачува нафта на островот. Иако американското Министерство за финансии најави ограничени олеснувања за одредени хуманитарни и комерцијални пратки, реалноста на терен е сурова: бензинските пумпи дозволуваат максимум 20 литри по лице, платени во долари, со денови или недели чекање преку државна апликација. Црниот пазар цвета.
Прекините на струја во Хавана траат и до 15 часа дневно. Болниците работат само за итни случаи. Училиштата затвораат. Ѓубрето се натрупува бидејќи нема гориво за камионите. Старци пребаруваат по контејнери. За држава што се гордее со универзална здравствена заштита и искоренета неписменост по 1959 година, контрастот е болен.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел ја нарекува политиката на Вашингтон нехумана и спротивна на меѓународното право. „Со кое право една светска сила ѝ го одзема горивото на мала нација?“, прашува тој. Во меѓувреме, министерот за надворешни работи Бруно Родригез патува меѓу Москва, Пекинг и Ханој во потрага по спас. Но досега, ниту еден руски танкер не се закотви во кубанско пристаниште.
Економистот Рикардо Торес предупредува дека резервите можеби ќе траат уште шест до осум недели – ако воопшто има точни податоци. „Трамп ги менува правилата на играта“, вели тој, оценувајќи дека стратегијата е јасна: максимален притисок со цел промена на режимот.
Пред само една деценија, сценариото беше поинакво. Во 2014 година, Барак Обама најави историско обновување на односите со Куба. Неговата посета на Хавана – прва од американски претседател по речиси еден век – беше симболичен обид да се „закопа последниот остаток од Студената војна“. Тогашниот кубански лидер Раул Кастро стоеше покрај него додека говорот се емитуваше во живо. Амбасадорот Џефри ДеЛорентис беше архитект на тоа краткотрајно затоплување.























