
Денеска започнува 56-от Светски економски форум во Давос, на кој светските лидери од политиката, бизнисот и граѓанското општество ќе дискутираат за иднината на глобалната економија под мотото „Во духот на дијалог“. Форумот ќе трае до 23 јануари 2026 година и ќе обедини над 3.000 учесници од 130 земји, меѓу кои 65 шефови на држави и влади и повеќе од 850 извршни директори.
Република Северна Македонија годинава е претставена со висока владина делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Тој ќе учествува на повеќе панел-дискусии и затворени лидерски сесии, каде што акцентот ќе биде ставен на одржливиот економски раст, енергетската транзиција и примената на новите технологии, со посебен фокус на вештачката интелигенција.
Во рамки на Форумот, премиерот Мицкоски ќе оствари и низа билатерални средби со претставници на глобални корпорации и финансиски институции, со цел промоција на инвестициските потенцијали на Македонија. Како клучни сектори се издвојуваат енергетиката, технолошкиот развој и инфраструктурното поврзување на земјите од Западен Балкан.
Безбедноста на настанот е подигната на највисоко ниво, со затворен воздушен простор во радиус од 46 километри, ангажман на борбени авиони и околу 5.000 војници задолжени за логистичка и техничка поддршка. Се очекува ова издание на Форумот да биде меѓу најпосетените досега, со присуство на бројни светски лидери, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп, кој повторно учествува во Давос по шестгодишна пауза.



























