
Граѓаните понудиле, а менувачниците во Македонија лани откупиле девизи во вредност од над 2,2 милијарди евра, што е речиси исто како и во 2024 година. Продажбата на странска валута се зголемила, а јули и август се најударните месеци за девизниот пазар.
Генералната слика ја сочинуваат 265 правни лица – 253 трговски друштва и 12 банки што имаат дозвола за вршење менувачки работи.
Иако и е доминантен, откупот стагнира, а продажбата расте. Според податоците на Народната банка, застапени во анализата на Пари, износот на купените девизи од 2,205 милијарди евра е за 1,8 милиони евра или 0,08 насто понизок од претходната 2024 година.
Од друга страна, продажбата на девизи достигнала 571,5 милиони евра. Годишната разлика од 41,6 милиони евра е претставена со раст од 7,84 насто.
Како резултат на побрзиот раст на продажбата во однос на откупот, нето-разликата меѓу купените и продадените девизи се стеснила од 1,677 милијарди евра во 2024 година на 1,634 милијарди евра во 2025 година. Намалувањето изнесува 43,4 милиони евра или 2,6 насто.

















