
Две сообраќајни незгоди утрово предизвикаа застои и забавено движење на возилата на неколку локации во Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи. Во двата случаи, полициските екипи извршуваат увид за утврдување на причините за несреќите.
Првата незгода била пријавена во 05:40 часот на скопската обиколница, на потегот од Бутел кон Мирковци. Според првичните информации, во судирот учествувале товарно и патничко возило, и двете со скопски регистарски ознаки.
Поради несреќата, сообраќајот во овој дел од обиколницата се одвивал забавено, а биле формирани и колони од возила.
Втората сообраќајна незгода се случила во населбата Аеродром. Во 07:32 часот во СВР Скопје било пријавено дека на булеварот „Трета македонска бригада“ дошло до судир помеѓу патничко возило „Смарт“ и мотоцикл, двата со скопски регистарски ознаки.
Од МВР информираат дека увидите на двете локации се во тек, по што ќе бидат познати повеќе детали за околностите под кои се случиле сообраќајните незгоди.

















