На Македонската берза по шести пат успешно се одржа традиционалниот „Инвеститорски ден“, кој и оваа година привлече голем интерес и постигна рекордни резултати. Сите домашни физички лица имаа можност да тргуваат со акции без провизии кон Берзата, Централниот депозитар на хартии од вредност и овластените пазарни учесници, за трансакции до 10.000 евра.
Според податоците, на овој инвеститорски ден беа склучени вкупно 396 нормални трансакции, што претставува најголем број трансакции од почетокот на иницијативата, но и најголем дневен број трансакции во текот на 2025 година. Дополнително, во БЕСТ системот беа внесени 547 налози за тргување – исто така највисока бројка за оваа година.
Вкупниот промет од тргување со акции надмина 917 илјади евра, односно околу 56 милиони денари.
Во иницијативата активно учествуваа сите 11 членки на Берзата – Еурохаус, Илирика Инвестментс, Иново Брокер, Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер, Шпаркасе Банка Скопје и Халк Банка Скопје – како и Централниот депозитар за хартии од вредност. Настанот доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.