
Светот се соочува со енергетска криза од невидени размери, предупреди Фатих Бирол, шеф на Меѓународната агенција за енергија, споредувајќи ја со комбинација од нафтените шокови во 1973, 1979 и 2022 година. „Ова е првпат да гледаме нарушување на снабдувањето со енергија од вакви размери“, истакна тој во интервју за францускиот весник Ле Фигаро.
Кризата нема да ги заобиколи ниту најразвиените економии, но најтешко ќе се почувствува во земјите во развој. Повисоките цени на нафтата и гасот веќе ги притискаат буџетите на домаќинствата, а инфлацијата расте како последица на поскапувањето на храната и транспортот.
Ситуацијата се влоши поради блокадата на Ормускиот теснец, клучен воден пат низ кој минува околу една петтина од глобалната нафта и гас. Иран ја запре речиси целосно навигацијата во теснецот како одговор на нападите од САД и Израел, што веднаш се одрази на светските пазари со нагол пораст на цените на енергијата.
Зависноста од нафтата е сеопфатна: од гориво за транспорт до основа за производство на пластика, хемикалии, лекови, азфалт и индустриски материјали. Кога снабдувањето е нарушено, ефектите се шират далеку подалеку од бензинските пумпи: ја притискаат храната, логистиката, инфраструктурата и конечниот економски раст.























