УТРО.мк

„Луфтханза“ ги укинува летовите Франкфурт-Скопје, линијата се пренасочува преку Виена

„Луфтханза“ ги укинува летовите Франкфурт-Скопје, линијата се пренасочува преку Виена
Vero

„Луфтханза“ целосно ги повлекува летовите на релацијата Франкфурт-Скопје, ставајќи крај на повеќе од три години редовна воздушна поврзаност меѓу двата града. Иако првично беше најавено дека линијата ќе биде суспендирана само привремено, од 1 јуни до 1 јули, новите планови покажуваат дека откажувањето се проширува и ги опфаќа целото лето, како и зимската сезона што започнува на 25 октомври.

Наместо директни летови, патниците кон германскиот финансиски центар ќе бидат пренасочувани преку Виена, со користење на услугите на „Аустриан ерлајнс“, која е дел од истата групација. Досегашната фреквенција на линијата изнесуваше до десет летови неделно, што ја правеше една од поактивните врски меѓу Скопје и Западна Европа.

Одлуката доаѓа во контекст на поширока стратегија на „Луфтханза груп“, која постепено ја редизајнира својата европска мрежа и ги концентрира операциите кај своите главни превозници. Овие промени веќе резултираат со повеќекратни корекции на распоредите и намалување на одредени линии во регионот.

Линијата Франкфурт–Скопје беше воспоставена кон крајот на април 2023 година и во почетокот се сметаше за значаен нов капацитет на групацијата на балканскиот пазар. Сепак, уште во текот на изминатата зимска сезона беа забележани сериозни редукции, кога планираните десет неделни летови беа сведени на само три ротации во февруари и март. За воспоставување на маршрутата, компанијата користеше и владина поддршка, која важеше до 30 декември 2025 година.

Иако „Луфтханза“ беше единствениот оператор на оваа директна линија, алтернативна поврзаност кон Германија постои преку „Виз Ер“, кој лета до Хан – аеродром лоциран околу 125 километри од Франкфурт.

Промените во мрежата се случуваат паралелно со турбулентен период за германскиот авиопревозник, обележан со индустриски штрајкови, затворање на подружницата „СитиЛајн“ и последователни корекции на голем број рути. Иако дел од линиите кон регионот беа привремено обновени преку Минхен по укинувањето на „СитиЛајн“, последните одлуки повторно носат намалување на планираните фреквенции.

Така, за периодот од јули до октомври, се предвидува Минхен–Белград да оперира со 17 до 18 летови неделно, што е помалку од претходно ревидираните 18–19, а уште пониско од 19–20 неделни летови реализирани во истиот период минатата година. Слично намалување е направено и на линијата кон Љубљана, каде бројот на летови е редуциран на 11 неделно, наспроти првично планираните 14 ротации.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран