Европската комисија подготвува нова директива која може значително да ги зголеми цените на цигарите, тутунските производи и алтернативните никотински производи низ цела Европска Унија.
Според нацрт-документот од 196 страници, до кој имаше пристап германскиот „Билд“, Брисел ги повикува земјите-членки значително да го зголемат данокот на тутун, со цел да се намали потрошувачката. Во предлогот е наведено дека фискалните мерки треба јасно да покажат дека пушењето е штетно и дека треба да се спречува со сите достапни средства.
Даночните стапки ќе бидат прилагодени според економската моќ на секоја земја, што значи дека побогатите, како Германија, ќе имаат поголемо зголемување. Според проценките, во Германија данокот на тутун може да порасне за 20%, што би ја зголемило цената на кутија цигари за околу едно евро, а на стандардните пакувања од 20 цигари за 50-70 центи.
Новите мерки ќе важат не само за традиционалните цигари, туку и за електронските цигари, загреаниот тутун и никотинските кесички. Производите за помош при откажување од пушење, како никотинската гума за џвакање, нема да бидат опфатени.
Со овие мерки, Европската комисија сака да ја намали потрошувачката на сите никотински производи, без разлика на формата во која се користат.