Скопје денеска и утре е домаќин на едни од најважните европски енергетски настани – Стратешкиот семинар на Комитетот за развој на електроенергетските системи (SDC Strategy Seminar 2025) и 109-тиот состанок на SDC. Настанот се одржува под покровителство на ENTSO-E (Европска мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија), а домаќин е АД МЕПСО.

Во главниот град на Македонија се собраа водечки експерти од европскиот енергетски сектор, кои преку стратешки дијалози ги дефинираат идните насоки за развој на електроенергетската мрежа на континентот. Фокусот е ставен на теми од клучна важност за забрзаната енергетска транзиција, како што се: иновациите во енергетските технологии, долгорочното планирање на инфраструктурата, системските потреби во новите услови на побарувачка, како и обезбедувањето отпорност и сигурност на снабдувањето со електрична енергија.

„Горди сме што Скопје е дел од оваа голема европска приказна. Ова е доказ дека АД МЕПСО, но и Македонија, стануваат значаен фактор во креирањето на енергетската иднина на Европа,“ изјави Бурим Љатифи, директор на МЕПСО.
Со вакви иницијативи, Скопје сѐ повеќе се позиционира како важен геостратешки центар во европската енергетска мрежа.