Рускиот енергетски гигант „Лукоил ПЈСК“, кој се наоѓа под санкции на САД, ја продаде својата меѓународна подружница „Лукоил Интернешнл ГмбХ“ со седиште во Австрија на компанијата „Гунвор Груп“ – еден од најголемите светски трговци со енергија.
„Гунвор Груп“, регистрирана на Кипар со главно седиште во Женева, оперира на глобално ниво во трговијата, транспортот и складирањето на нафта и гас. Компанијата има канцеларии во Сингапур, Лондон, Хјустон, Калгари, Дубаи и други светски центри. Основана е во 2000 година и денес е четвртиот најголем трговец со сурова нафта во светот, веднаш по „Гленкор“, „Витол“ и „Трафигура“.
Сопственик и извршен директор е шведскиот бизнисмен Торбјорн Торнквист, кој поседува околу 88% од акциите. Тој ја основал компанијата заедно со рускиот милијардер Генадиј Тимченко, но во 2014 година го откупил неговиот удел, непосредно пред Тимченко да биде ставен на американската санкциска листа поради анексијата на Крим.
Во 2024 година „Гунвор“ оствари приходи од 136 милијарди долари и нето добивка од 729 милиони долари, а вредноста на нејзиниот капитал изнесува 6,5 милијарди долари. Компанијата е активна и во секторот на обновливи извори на енергија преку својата подружница „Ниера“, формирана во 2021 година.
Со продажбата на „Лукоил Интернешнл ГмбХ“, „Гунвор“ би можел да стане нов сопственик и на „Лукоил Македонија“, која управува со 40 бензински станици и нафтен склад во земјата. Сè уште не е познато што ќе се случи со 550-те вработени, но исходот ќе зависи од финализацијата на трансакцијата меѓу двете компании.
„Лукоил“ останува најинтернационалниот од руските нафтени концерни, со присуство во повеќе од 20 земји и значајни удели во големи нафтени и гасни полиња во Казахстан, Азербејџан, Ирак, Узбекистан и Нигерија. Сепак, најновата продажба на странските подружници е дел од поширокиот процес на реорганизација поради заострените западни санкции.































