
Електричната трка во Европа продолжува да се заострува, а Фолксваген и натаму држи цврсто водство, иако конкуренцијата го дише за врат. Јануарските бројки за продажбата на батериски електрични возила покажуваат дека германскиот гигант стартуваше годинава на врвот, со 17.230 нови регистрирани автомобили, што е пад од 16% во споредба со истиот месец лани.
Семејството ИД продолжува да биде главната движечка сила на Фолксваген. Компактниот ИД.3 доминира со 5.417 испораки, додека СУВ-моделот ИД.4 следи со 4.829 возила, а ИД.7 од средната класа забележа 4.663 регистрации. Ретро-ванот ИД.Баз додаде уште 1.420 единици, овозможувајќи Фолксваген да биде силно присутен во речиси сите сегменти на пазарот.
Но, водството не е недопирливо. Рено го забележа еден од најголемите скокови, искачувајќи пет места и станувајќи втора најпродавана марка, со раст од 65% и 14.447 нови електрични возила. Главен мотор на успехот е Рено 5 Е-Тек, кој регистрира 7.149 возила, речиси двојно повеќе од лани, додека Сеник Е-Тек и Меган Е-Тек додадоа 3.317 и 1.652 возила. Новитетот Рено 4 Е-Тек веќе ја започна продажбата со 2.245 регистрирани единици, зајакнувајќи ја позицијата на францускиот производител во сегментот на малите и компактни автомобили.
Чешката марка Шкода исто така направи голем пресврт, искачувајќи шест места на третата позиција со раст од 91% и вкупно 14.022 испораки. Електричниот Елрок е најбаран модел со 8.426 регистрации, додека Енијак постигна 4.482 возила, од кои купе-верзијата учествува со 1.106 единици.
На пазарот се пробива и кинескиот производител Би Уај Ди, кој со речиси двојно зголемување на продажбата стигна до осмото место со 8.711 возила. Најпродавани модели се Долфин Сурф (3.007), Силајон 7 (1.909) и Сил (1.310), што покажува дека кинеските ЕВ продолжуваат да освојуваат европски купувачи, дури и по воведувањето дополнителни царини.























