УТРО.мк

Хидроенергијата во македонската енергетска мешавина – од „кичма“ на системот до партнер на соларот и ветерот

Хидроенергијата во македонската енергетска мешавина – од „кичма“ на системот до партнер на соларот и ветерот
Vero

Хидроцентралите долго време беа „кичмата“ на електроенергетскиот систем во Македонија. Како стабилен домашен извор, хидроцентралите традиционално ги носат врвните оптоварувања во системот, популарно познати како пикови во потрошувачката. Со тоа македонскиот систем го амортизира ударот од поскапите увози, а во кризни моменти хидроенергијата се користи како прва линија на одбрана на домашниот електроенергетски систем.

Но денес, во време кога Европа забрзано ја зголемува употребата на обновливи извори, улогата на хидроенергијата се менува. Од класичен производител на електрична енергија, хидроцентралата станува стабилен партнер на соларот и ветерот затоа што обезбедува флексибилност во системот. Можноста дел од хидроцентралите да се користат и како „водена батерија“ за складирање на енергија ја зголемува нивната важност.

Улогата на хидропотенцијалот во секојдневието

Според податоците на Меѓународната агенција за енергија, во 2023 година хидроенергијата учествувала со околу 24% во вкупното производство на електрична енергија во земјата, додека јагленот и натаму ја има доминантната улога со околу 40% од производството. Тоа значи дека иако хидроцентралите не се доминантен извор, тие се вториот столб на системот – особено ако се гледа нивната улога во покривање на врвното оптоварување и дневните осцилации.

Во рамките на државната компанија Електрани на Македонија (ЕСМ), Регулаторната комисија за енергетика во годишниот извештај за 2023 година наведува дека хидроелектраните на ЕСМ имаат инсталирана моќност од 557,4 MW и произвеле 1 216 GWh, што е околу 18–19% од вкупното производство на компанијата. Самата ЕСМ, на својата веб-страница, посочува дека хидрокапацитетите обезбедуваат околу 26% од електричната енергија што ја произведува компанијата, што одговара на приближно 16% од вкупната домашна потрошувачка, и дека нивна главна цел е да ги покриваат дневните варијации во потрошувачката и да ја зголемуваат флексибилноста на системот.

Ова е и клучната поента: хидроцентралите не се само „уште еден извор“, туку токму оној дел од системот што може за кратко време да ја зголеми или намали испораката и да го „фати ритамот“ на потрошувачката.

Домашното производство, увозот и кризата како предупредување

Енергетските биланси на Државниот завод за статистика за 2024 година многу јасно ја покажуваат сликата на енергетската зависност од увоз – и тоа не само за електричната енергија, туку за целото енергетско портфолио: јаглен, нафтени деривати, гас и обновливи извори. Според официјалните податоци, во 2024 година 65,5% од вкупната потребна енергија во земјата е обезбедена од увоз, додека само околу една третина доаѓа од домашно производство. Во оваа статистика се вклучени сите енергенси, вклучително и нафтените деривати, па затоа таа ја мери вкупната енергетска зависност, не само зависноста од увоз на струја.

Инвестициите во новите производствени капацитети на солар и ветер веќе ја менуваат сликата, барем во периоди кога потрошувачите имаат просечна потрошувачка. На пример, во септември 2025 година вкупната бруто-произведена електрична енергија изнесувала 391 740 MWh, што е за 4,9% повеќе од бруто-домашната потрошувачка, а 100% од потрошената електрична енергија тој месец е покриена од домашно производство. Сепак, овој период годинава имаме невообичаено топли денови за овој период, со континуирани врнежи што позитивно влијаат на работата на хидропотенцијалот, услови кои нема секогаш да се повторуваат.

Зимата 2021-2022, кога Европа се соочи со силна енергетска криза, преку високите цени на струјата се прелеа и во Македонија и го оголи високиот домашен ризик од скапиот увоз. Ова го потврдува и анализата на ЕБОР за Македонија, објавена во 2024 година, каде стои дека недиверзифицираниот енергетски микс и високата зависност од увоз, комбинирани со стари термоелектрани, ги засилија ударите од високите цени на струјата и го натераа државниот сектор директно да субвенционира увози и потрошувачи во услови на прогласена енергетска криза.

Во таков контекст, секој киловат-час од домашните хидроцентрали има двоен ефект, не само што носи чиста енергија, туку ја намалува потребата од увоз токму во часовите кога струјата е најскапа и со тоа го амортизира ударот врз трговскиот биланс и врз сметките на граѓаните и компаниите. За да може системот да одговори соодветно на потребите во мрежата, треба да бидат застапени и големи и мали хидроцентрали, а најважно е системот да има и реверзибилни хидрокапацитети.

Акумулациите се и причината хидроцентралите да се доживуваат како „кичма“ на системот затоа што резервоарите во Маврово, Козјак и другите брани овозможуваат водата да се чува во периоди кога потрошувачката и цените се пониски и да се користи кога оптоварувањето е највисоко. Тоа важи и денес, ЕСМ експлицитно наведува дека главната улога на хидропостројките е да ги покриваат дневните врвови и да гарантираат флексибилност.

Во исто време, новите податоци за енергетскиот биланс од Државниот завод за статистика покажуваат дека обновливата електрична енергија во 2023 година учествувала со 32% во вкупното производство и 31,3% во вкупната домашна потрошувачка. Со оглед на тоа што соларните и ветерните капацитети сè уште имаат релативно мал удел, голем дел од таа „обновлива“ енергија доаѓа токму од хидроцентралите. Со други зборови, хидроенергијата и денес е носечкиот дел од обновливиот сегмент на системот.

Следната година треба да заврши и ревитализацијата на осумте големи хидроцентрали, што ќе влијае на подобра производствена кондиција. Но, за да се надомести енергијата која денес ја добиваме од јагленот, потребни се инвестиции во околу 2 GW нови хидрокапацитети, како и значително зголемување на производството од соларните и ветерните капацитети.

Пораката е јасна, иднината на хидроенергијата во ЕУ, но и во Македонија, не е да произведува што е можно повеќе „базна“ енергија, туку да обезбедува флексибилност, брзо регулирање и складирање, односно да ги полни акумулациите кога има вишок сонце и ветер и да ја враќа таа енергија во мрежата кога е најпотребна. Државата ги следи европските цели и обврските кои произлегуваат од договорот со Енергетската заедница за зголемување на учеството на обновливите извори во својата енергетска мешавина. Во тоа сценарио, секоја инвестиција во хидроенергија, било тоа ревитализација на постојните централи или нови акумулациони и пумпни решенија, треба да се гледа не само како уште една електрана, туку како клучен дел од идната архитектура на стабилен, зелен и економски одржлив енергетски систем.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран