
Од полноќ возачите во Македонија ќе плаќаат значително пониски цени за гориво, откако Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,81 отсто.
Најголемо намалување има кај дизелот. Од 11 август во 00:01 часот, максималната цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе изнесува 91,50 денари за литар, односно за 8 денари помалку од досегашната цена.
Поевтинуваат и бензините. ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по максимална цена од 87 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе чини најмногу 89 денари за литар. Кај двата бензина намалувањето изнесува 4 денари за литар.
Екстра лесното масло за домаќинство ЕЛ-1 поевтинува за 6 денари и неговата максимална цена ќе изнесува 92,50 денари за литар.
Намалување има и кај мазутот М-1 НС, чија цена се намалува за 2,881 денар за килограм и ќе изнесува 43,538 денари за килограм.
Од РКЕ објаснуваат дека намалувањето на цените е резултат на падот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар.
Во споредба со претходната пресметка, референтните цени на бензините се намалени за 6,186 отсто, на дизелот за 10,435 отсто, на екстра лесното масло за 8,138 отсто, додека кај мазутот намалувањето изнесува 7,151 отсто.
Дополнително, курсот на денарот во однос на доларот во периодот според кој се формирани цените е понизок за 1,0313 отсто.
Од Регулаторната комисија нагласуваат дека станува збор за максимални цени. Тоа значи дека трговците на големо и мало можат горивата да ги продаваат и по пониски цени од утврдените максимални износи.

















