
Четири лица, меѓу кои три деца, се повредени во сообраќајна несреќа што утрово се случила на магистралниот пат Гостивар–Кичево, во близина на каменоломот „Прогрес 98“.
Според информациите од СВР Тетово, несреќата била пријавена околу 7:40 часот, а во судирот учествувале четири патнички возила и еден камион.
По незгодата, три малолетни лица и една жена, кои се наоѓале во едно од возилата, се пожалиле на здравствени проблеми. Тие биле пренесени во гостиварската болница, каде им била укажана медицинска помош.
„По незгодата, три малолетни лица и една жена кои биле во едно од автомобилите се пожалиле на здравствени проблеми и биле упатени во гостиварската болница за укажување медицинска помош“, изјави портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи.
Полициски екипи вршат увид на местото на несреќата, по што треба да бидат утврдени причините и околностите под кои дошло до судирот, како и висината на причинетата материјална штета.
Поради увидот, сообраќајот на патниот правец кон Стража се одвива отежнато. Возилата се пропуштаат наизменично по една коловозна лента во двата правци, поради што се создаваат подолги колони кон Кичево и Гостивар.
Од надлежните се апелира до возачите да бидат внимателни и да ја прилагодат брзината на условите на патот.

















