
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, информираше дека Владата донела одлука за повторно намалување на стапката на ДДВ за дизелот, од 18 на 10 отсто.
Според неа, мерката е донесена како одговор на ризиците и актуелните движења на меѓународните пазари, со цел да се ублажат надворешните ценовни притисоци врз домашната економија.
Димитриеска-Кочоска посочи дека со намалувањето на ДДВ директно ќе се влијае врз малопродажните цени на горивата, а истовремено ќе се ограничи пренесувањето на повисоките трошоци врз цените на останатите производи и услуги.
„Продолжуваме со навремени мерки за заштита на стандардот на граѓаните и стабилноста на домашната економија“, порача министерката.
Таа нагласи дека Владата ќе продолжи да реагира навремено и одговорно, со цел да го амортизира влијанието на надворешните фактори врз домашната економија и да го заштити животниот стандард на граѓаните.

















