
Градоначалникот на Општина Чаир и копретседател на партијата ВЛЕН, Изет Меџити, му честиташе на Албин Курти за повторниот избор за премиер на Република Косово.
Меџити оцени дека во периодот што следува Македонија и Косово ќе продолжат со одличната билатерална соработка, во интерес на граѓаните на двете земји.
Посебен акцент, според него, треба да биде ставен на заедничките инфраструктурни проекти, кои дополнително ги поврзуваат двете држави, како и на заедничкото градење на европската иднина на регионот.
„Стабилните институции изградени врз волјата на суверенот се најдобра гаранција за одговорно и храбро управување, посветено на градење држава врз силни и одржливи темели“, порача Меџити.
Тој истовремено изрази поддршка за Република Косово, нагласувајќи ја, како што наведе, важноста на историскиот момент и борбата за ослободување врз која се поставени темелите на независната држава.
Меџити посочи дека историјата познава бројни случаи кога законите биле користени за носење контроверзни одлуки, но дека, според него, ниту една политизирана одлука не може да ја избрише историската вистина.
„Ниту еден авторитет не може со правен акт да го поништи она што еден народ го има стекнато со саможртва и жртви“, порача Меџити.

















