Дигиталното евро, новата форма на европска валута што ќе ја издава Европската централна банка (ЕЦБ), би можело да влезе во оптек во 2029 година, доколку законската рамка биде усвоена до следната година, соопшти ЕЦБ.
По завршувањето на двегодишната подготвителна фаза во октомври, проектот влегува во нова етапа — т.н. фаза на техничка подготвеност. Целта е зајакнување на европскиот монетарен суверенитет и намалување на зависноста од американски системи за дигитални плаќања како Visa, Mastercard и PayPal.
Во оваа фаза, ЕЦБ избра европски партнери за развој на системот, подготви регулативи и спроведе консултации со трговци, банки и корисници. Доколку европските законодавци го одобрат предлог-законот за дигиталното евро во 2026 година, пилот-проектите и првите тест-трансакции може да започнат во 2027 година, а целосната примена е планирана за 2029 година.
„Дигиталното евро ќе ја задржи суштината на готовината во дигиталната ера и ќе обезбеди стабилен и безбеден систем за плаќања во Европа,“ изјави Пјеро Чиполоне од Извршниот одбор на ЕЦБ.
Европските лидери веќе повикаа на забрзување на проектот, предупредувајќи на доминацијата на американските компании во секторот. ЕЦБ проценува дека развојот на дигиталното евро ќе чини околу 1,3 милијарди евра, со годишни трошоци од околу 320 милиони по неговото воведување.
Една од иновативните карактеристики ќе биде можноста за плаќања без интернет конекција, со директен и безбеден пренос меѓу уредите. Притоа, приватноста на корисниците ќе биде целосно заштитена, бидејќи податоците за трансакциите нема да се споделуваат со банките или давателите на услуги.
ЕЦБ нагласува дека дигиталното евро ќе биде замена за дел од готовината, а не средство за инвестирање, со ограничување на износот во виртуелниот паричник помеѓу 500 и 3.000 евра по корисник.
„Ова не е само технички проект, туку стратешка инвестиција во иднината на европската економија и финансиска стабилност,“ порача ЕЦБ.































