
Министерката за енергетика и минерални суровини Сања Божиновска денеска оствари работна средба со Мелани Мелинвуд од Француската агенција за развој (AFD), на која беше отворен патот за реализација на Планот за реконструкција на јавните згради, како една од клучните обврски од Реформската агенда.
Со Планот за периодот 2025–2028 се најавува почеток на системска, масовна и темелна енергетска обнова на јавните институции во државата, со цел намалување на трошоците, подобрување на условите за работа и значително намалување на загадувањето.
Во моментов се работи на изработка на детална студија со која ќе се утврдат приоритетите и јавните објекти што први ќе бидат опфатени со процесот на реконструкција. Божиновска потенцираше дека законската обврска е секоја година да се реконструираат најмалку 3% од јавните згради, но дека институциите ќе одат чекор понатаму, со фокус на квалитет, визија и одговорност.
Според министерката, ова претставува стратешка инвестиција во одржлива иднина, усогласување со европските стандарди и создавање поефикасен и помодерен јавен сектор во служба на граѓаните.



























