
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска одржа предавање пред студентите на Виенската дипломатска академија, на кое разговараше за енергетската иднина на Македонија и предизвиците со кои се соочува секторот.
Во рамки на посетата на Виена, Божиновска ги претставила стратешките приоритети на земјата, меѓу кои диверзификацијата на изворите на снабдување, модернизацијата на енергетската инфраструктура, регионалното поврзување и зајакнувањето на енергетската сигурност.
Дискусијата била посветена и на влијанието на енергетските политики врз економскиот развој, меѓународната соработка и иднината на Европа. Министерката истакнала дека енергетиката денес има многу пошироко значење од производството и снабдувањето со енергија, бидејќи е тесно поврзана со дипломатијата, економијата и меѓународните односи.
Божиновска учествувала и на сесија посветена на дигиталната дипломатија, во рамки на програмата „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црно Море/Јужен Кавказ 2026“. Таа остварила и средба во Сојузното министерство за европски и меѓународни работи на Австрија.
Според министерката, размената на знаења и искуства и отворениот дијалог се важни за донесување подобри одлуки и градење посилни меѓународни партнерства.
Таа посебно го истакнала значењето на младите луѓе, кои во иднина ќе учествуваат во креирањето на одлуките што ќе ги обликуваат енергетските политики и односите меѓу земјите.























