Од едукативниот центар на Матка започна првиот во серијата тематски брифинзи за новиот Закон за енергетика, во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Министерската Сања Божиновска порача дека целта на овие сесии е да се обезбеди широка информираност кај јавноста за новитетите што ги носи законот.

„Од тука, од Матка, испраќаме јасна порака – информирана јавност значи силна поддршка за реформите и успешна имплементација на законот“, изјави Божиновска.
Првата сесија беше фокусирана на електродистрибутивниот систем – клучен сегмент кој директно влијае врз секое домаќинство. Се дискутираше за воведување паметни броила, развој на батериски системи, зголемени стандарди и јасно дефинирана одговорност во снабдувањето со електрична енергија.

На настанот присуствуваа претставници од МЕПСО и ЕВН Електродистрибуција, кои ја поддржаа иницијативата за поголема транспарентност и активна комуникација со граѓаните.

„Работиме за енергетика што ќе биде во служба на граѓаните – ефикасна, одговорна и модерна. Тоа бара заеднички напор, но и отворен дијалог со сите засегнати страни“, рече Божиновска, најавувајќи дека следните брифинзи ќе се одржат низ повеќе региони во државата.