Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес се обрати на ИНФО ДЕНОТ посветен на поддршката за научно-истражувачката дејност во Македонија, со посебен фокус на новите можности за соработка со Joint Research Centre на Европската комисија.

Божиновска истакна дека науката и истражувањето се клучни двигатели на идните трансформации во општеството – од чиста енергија и дигитализација, до управување со критични минерали и современи рударски технологии.
„Токму во нашите сектори – енергетика, рударство, минерални суровини – се случуваат големите трансформации што ќе го дефинираат 21-от век“, порача министерката, додавајќи дека Министерството ќе биде активен партнер во овие процеси, не само со декларативна поддршка, туку со конкретни проекти и мерки.

Според Божиновска, земјата располага со знаење и визија, а преку воспоставената рамка за соработка со европските истражувачки институции, конечно добива и функционална алатка за реализација на овие цели.
Настанот се смета за важен чекор во унапредувањето на врската меѓу научната заедница и институциите, со цел поефикасна примена на иновациите и експертските анализи во носењето на стратешки одлуки за развој.