Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува“ насловен „Поставен темелот за новата енергетска иднина“, изјави дека земјата чекори кон целосна интеграција на енергетскиот сектор со европските стандарди. Таа нагласи дека новиот Закон за енергетика е целосно усогласен со законодавството на ЕУ, транспарентно изработен, и пофален во Брисел како значаен напредок за Македонија.
„Работевме на крајно транспарентен начин, со 16 јавни расправи, во постојана координација со ЕУ и Енергетската заедница од Виена. Законот од 300 страници го имплементира ЕУ пакетот за чиста енергија и носи новини како складирање енергија и методологија за мерење на енергетска сиромаштија“, рече Божиновска.
Министерката истакна дека со новиот концепт ќе се помогне на ранливите категории граѓани, а соработката со ЕВН и Министерството за социјални работи ќе овозможи прецизно таргетирање на потребите. Таа најави и формирање граѓански енергетски заедници во колективните згради, кои ќе можат да инсталираат соларни панели и заеднички да го намалат трошокот за струја.
Во делот на електричната енергија, Божиновска увери дека до крајот на годината нема да има нови ценовни шокови. Таа обвини за негрижа во минатото, посочувајќи дека во 2017 година производната цена била 37 евра, а кога таа стапила на функција била веќе 140 евра. „Сега се вршат редовни ремонти, менаџментот вложува максимални напори и ќе нема поскапувања“, истакна таа.
Говорејќи за гасификацијата, министерката го најави забрзувањето на проектот за гасоводен интерконектор со Грција. Новиот тендер, според неа, бил 12 милиони евра поевтин, а договорот го добила домашна фирма. Божиновска додаде дека е во план продолжување на гасоводот кон Србија, со што Македонија ќе се вклучи во европската гасна мрежа.
„Имаме потпишан меморандум со Србија. Потребни се уште 25 километри гасовод за да станеме транзитна земја. Со ова, Македонија ќе биде стратешки позиционирана на енергетската мапа на Европа. Рокот за реализација е 22 месеци“, изјави Божиновска.
Таа заклучи дека енергетиката, рударството и минералните суровини се клучни сектори за економски раст и дека Македонија веќе се позиционира како сериозен партнер во европските енергетски процеси.