Министерката за енергетика, минерални суровини и рударство, Сања Божиновска, во своето видео обраќање до глобалниот форум во Картагена истакна дека Македонија е подготвена да покаже лидерство на Балканот во областа на енергетската транзиција.
„Нашата енергетска транзиција ќе биде брза, праведна и без загубени работни места“, порача Божиновска. Таа нагласи дека Владата усвои Инвестициски план за забрзана транзиција од јаглен, со поддршка од ЕБОР, IFC и Светска банка.
Министерката додаде дека се инвестира во обновливи извори, модерна електрична мрежа и креирање нови зелени работни места, додека со поддршка од Climate Investment Funds транзицијата се гради на економски одржливи и социјално праведни темели.
„Нашата визија е јасна: енергетска независност, безбедност и нови можности за инвестиции. Успехот на Македонија ќе биде доказ дека и најсмелите климатски цели можат да станат реалност кога има визија, партнерства и храброст“, истакна Божиновска.