УТРО.мк

БОЖИНОВСКА: 2025 – ГОДИНА НА РЕД, СТАБИЛНОСТ, РАЗВОЈ И ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА

БОЖИНОВСКА: 2025 – ГОДИНА НА РЕД, СТАБИЛНОСТ, РАЗВОЈ И ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА
Vero

Во текот на 2025 година, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини спроведе интензивна, институционална и транспарентна политика на комуникација со јавноста и медиумите, паралелно реализирајќи клучни реформи и проекти во енергетскиот и рударскиот сектор.

Министерството реализираше над 250 соопштенија и информации до медиумите, одржа редовни брифинзи и отворена комуникација со новинарите и јавноста, со навремен одговор на сите релевантни прашања, обезбедувајќи јавноста континуирано да биде информирана за сите важни политики, одлуки и резултати.

Во таа насока ви ги испраќаме и следните информации. 

Министерката Божиновска во текот на 2025 година оствари над 700 работни средби, состаноци и координации со домашни и меѓународни партнери, како дел од системски пристап за навремено планирање, усогласување на активности и обезбедување стабилност во секторот.

Во рамки на Министерството, по иницијатива на министерката, за прв пат беа формирани повеќе советодавни и координативни тела за клучни области, кои редовно заседаваат и даваат стручни насоки за носење одлуки од стратешко значење. Воспоставено е посебно координативно тело за навремена и сигурна координација во областа на електричната енергија, како и посебно советодавно тело за топлинска енергија, додека Советодавното тело составено од еминентни универзитетски професори активно работеше на повеќе теми од суштинско значење за стабилноста и развојот на националниот енергетски систем. 

„ Во услови на динамични глобални енергетски предизвици, 2025 година беше година на интензивна, теренска и стратешка работа во енергетиката и рударството. Преку засилена институционална активност, широка вклученост на стручната јавност и постојана комуникација со сите релевантни чинители, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини постави јасни основи за ред, стабилност и долгорочен развој на секторот, со фокус на транспарентност, одговорно управување и активна енергетска дипломатија.“ нагласи министерката Божиновска. 

Паралелно, Министерството оствари редовна и континуирана соработка со сите релевантни државни институции, регулаторни тела и јавни претпријатија, како и со стопанските комори, бизнис-заедницата, невладиниот сектор и стручната јавност, градејќи отворен и инклузивен модел на комуникација. 

„ Значаен фокус беше ставен и на енергетската дипломатија, при што Македонија повторно се позиционираше како рамноправен партнер секаде што се креира европската енергетска политика, со активно учество на регионални и европски иницијативи и форуми. “ истакна Божиновска. 

Во текот на годината, беа реализирани и редовни теренски посети на енергетските и рударските капацитети низ државата, со цел директен увид во состојбите, навремено детектирање на предизвиците и носење одлуки базирани на реални податоци и факти.

Во продолжение дел од активностите кој беа во фокус на министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

РЕД ВО ИЗГРАДБАТА НА ЕНЕРГЕТСКИ КАПАЦИТЕТИ

За првпат е усвоен Годишен план за изградба на енергетски објекти за 2025 година, кој воведе ред и јасни приоритети. Планот ги дефинира насоките за изградба на нови објекти и зајакнување на енергетските мрежи. Овој процес е од особена важност за државата затоа што обезбедува конкретна слика за приоритетите во развојот на енергетските капацитети и овозможува стратешко насочување на инвестициите, со цел стабилно снабдување со електрична енергија и правна сигурност за инвеститорите.

Планот за 2025 опфаќа 481 енергетски објект со вкупна моќност од 1.265 MW, сите со уредна документација. Доминираат обновливите извори – над 812 MW соларни и 426 MW ветерни капацитети, како и значајни инвестиции во складирање на електрична енергија.

ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ И ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ

Во 2025 година се исплатени околу 40 милиони денари премии за производство од фотоволтаици, а во тек е постапка за нов Закон за обновливи извори на енергија, усогласен со ЕУ директивите. Оперативен е и пазарот на гаранции за потекло, со над 122.000 издадени гаранции. Истовремено, донесени се измени на Законот за енергетска ефикасност и усвоен тригодишен план за реконструкција на јавни згради. Ќе се реновираат 14 јавни згради со вкупна корисна површина од 102.992 m², во кои функционираат 33 институции, што секојдневно ги користат повеќе од 5.000 лица. Целта е: намалени енергетски трошоци, подобрени услови за работа, помали емисии и модернизиран јавен сектор согласно европските стандарди.

НАПРЕДОК ВО ЕНЕРГЕТСКАТА ЗАЕДНИЦА

Северна Македонија бележи значителен напредок во имплементацијата на обврските од Енергетската заедница, со раст кај пазарната интеграција (61%), сигурноста во снабдување (41%) и институционалната подготвеност (76%), што ја позиционира земјата над или блиску до регионалниот просек.

Промена на статусот на имплементација по области:
• Пазари и пазарна интеграција:
– 2024: 54% → 2025: 61%
• Декарбонизација на енергетскиот сектор:
– 2024: 49% → 2025: 50%
• Сигурност во снабдување:
– 2024: 21% → 2025: 41%
• Институционална подготвеност:
– 2024: 74% → 2025: 76%

ИНТЕРКОНЕКТОРИ И СТРАТЕШКА ИНФРАСТРУКТУРА

Во фокус се гасните интерконектори со Грција и Србија, како и повторното активирање на нафтоводот Солун–Скопје, со што се зајакнува енергетската безбедност и диверзификацијата на снабдувањето.

Изградба на гасна линија Македонија – Грција. • Вкупна должина: околу 123 км (66–68 км во Македонија). Првичен капацитет: 1,5 милијарди m³ годишно, со можност за проширување на 3 милијарди m³/год. Очекуван старт на работа 2027 година. 

Интерконектор со Србија – Предвидена должина: околу 65–70 км (Клечовце — Врање). Очекуван рок на завршување: 2027 година, со гас во текот на 2028 година. 

Продуктовод / Нафтовод – со Грција. Владата донесе одлука за повторно отворање на нафтоводот „Тесалоники – Скопје“. 400.000 тони дизел годишно.  Оваа линија беше неактивна 12 години, со многу години инфраструктура оставена неискористена.

СОЦИЈАЛНА ПОДДРШКА И ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ

Исплатени се 42,3 милиони денари субвенции за ранливи потрошувачи, со намалување на сметките за струја од 1.000 денари месечно, како и 170 милиони денари за субвенции за инвертер-клими. Овие мерки се со цел обезбедување достапна, сигурна и социјално праведна енергија за граѓаните кои се соочуваат со енергетска сиромаштија, со посебен акцент на лицата со попреченост и корисниците на гарантирана минимална помош. Мерките дополнително опфаќаат ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритетно постапување при дефекти, како и заштита од исклучување во зимскиот период.

ЗАСИЛЕНА КОНТРОЛА И РЕКОРДНИ ПРИХОДИ

Во 2025 година е остварена рекордна наплата од 931 милион денари концесиски надоместоци, што е 2,4 пати повеќе од истиот период во 2024 година. Раскинати се над 45 концесиипоради непочитување на законите, а воведен е и дигитален надзор со дронови за поголема контрола и транспарентност.

ПРАВНА ЗАШТИТА НА ДРЖАВНИТЕ ИНТЕРЕСИ

Со активна правна стратегија, Министерството ја намали вредноста на судските предмети против државата од 421,8 на 106,8 милиони денари, при што се одбиени тужби вредни 315 милиони денари, а покренати се и тужби за наплата на долгови.

ЗАКОНОДАВСТВО, НАСЛЕДСТВО И МЕЃУНАРОДЕН УГЛЕД

Започнати се нови законски решенија за геологија и рударство, процес за заштита на македонскиот рубин како национално минерално наследство, а Скопје беше домаќин на 14. Меѓународен форум за одржлива енергија, со над 700 учесници од 70 земји. Потпишана „Декларацијата Скопје“ со што државата се позиционираше на глобалната енергетска мапа.

Uslugi
Dijamant Lotarija
Uslugi
Loto & Dzoker
Uslugi
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Uslugi
Филигран