
Македонија станува регионален „магнет“ за гориво, откако значително пониските цени на бензинот и дизелот привлекуваат сè поголем број граѓани од соседните земји.
Според информациите, поради растот на цените на горивата во регионот, особено во Грција, каде бензинот достигнува околу 1,80 евра за литар, сè повеќе странци доаѓаат во Македонија – најчесто во пограничните градови – за да наполнат резервоари.
Овој тренд веќе се нарекува „бензин-туризам“, а најизразен е во Битола, Гевгелија, Струга, Дебар и Куманово, каде што се бележи зголемена фреквенција на возила со странски таблички.
Освен што точат гориво, посетителите од соседството често ја користат можноста и за дополнителни набавки во локалните продавници и маркети, што индиректно влијае позитивно и врз локалната економија.
Податоците покажуваат дека во релативно краток период странските граѓани наточиле десетици илјади литри гориво, при што е забележан раст на потрошувачката од околу 9 проценти.
Причината за овој феномен лежи во фактот што Македонија има едни од најниските цени на горивата во регионот, што ја прави привлечна дестинација во услови на глобални ценовни турбуленции, особено поради кризите на светските пазари на енергенси.
Сепак, ваквиот тренд отвора и прашања – дали ќе се воведат ограничувања за странските возачи и дали домашниот пазар ќе може да ја издржи зголемената побарувачка доколку „бензин-туризмот“ продолжи со ист интензитет.























