
Сериозен безбедносен инцидент ја потресе Србија, откако во близина на гасоводот што ја поврзува земјата со Унгарија биле пронајдени експлозивни направи со огромна разорна моќ, а разузнавачките служби тврдат дека станува збор за обид за диверзија зад кој стои лице од мигрантска група.
Според официјалните информации, експлозивот бил откриен на неколку стотици метри од гасоводот кај Кањижа, во два ранци полни со експлозив и детонатори, кои биле подготвени за активирање. Овој гасовод е дел од системот „Балкански тек“, преку кој се транспортира руски гас кон Централна Европа, што го прави една од најчувствителните инфраструктурни точки во регионот.
Директорот на Српската воена безбедносна агенција (ВБА) Ѓуро Јованиќ на прес-конференција во врска со откривањето експлозиви во близина на гасовод во Војводина изјави дека службите имале информации дека лице од група мигранти ќе се обиде да ја саботира гасната инфраструктура. Според него, станува збор за сериозно подготвена акција, а осомничениот е во бегство и се трага по него.
Особено внимание предизвика тврдењето дека пронајдениот експлозив има ознаки кои укажуваат дека е произведен во САД, што отвори дополнителни шпекулации и политички реакции.
Во акцијата за пребарување на теренот биле вклучени околу 140 припадници на полицијата и војската, како и хеликоптерски единици, кои со денови ја пребарувале областа околу гасоводот.
Експлозивот бил успешно неутрализиран без да дојде до експлозија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека станува збор за закана која можела да има катастрофални последици и да загрози голем број луѓе, како и снабдувањето со гас во регионот.
Инцидентот доаѓа во чувствителен политички момент во регионот, а веќе се појавија различни теории за позадината на случајот, вклучително и можност за саботажа со пошироки геополитички импликации.























