
Проектот вреден 180 милиони евра, поддржан од ЕБОР, ИФЦ и Ерсте Груп, е првата од трите фази што повеќе од четирикратно ќе го зголемат инсталираниот капацитет на ветерна енергија во Северна Македонија.
(Штип, 9 септември, 2026) – Алказар Енерџи Партнерс („АЕП“), водечки независен управувач со инфраструктурни фондови, фокусиран на инвестирање и развој на големи проекти за обновлива енергија на пазарите во развој, денеска го објави финансиското затворање за Ветерниот парк Штип – најголемиот проект за ветерна енергија досега развиен во Северна Македонија.

АЕП обезбеди пакет за приоритетно должничко финансирање во износ поголем од 115 милиони евра, од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата на Светска банка фокусирана на приватниот сектор и Ерсте Груп Банк АГ (Ерсте), како и посебна локална кредитна линија за ДДВ обезбедена од Шпаркасе Банка АД Скопје. Ветерниот парк Штип претставува вкупна инвестиција од 180 милиони евра и означува значајна пресвртница за финансирањето на обновливата енергија во Западен Балкан, потврдувајќи ја силната институционална доверба во енергетскиот сектор на Северна Македонија и во нејзиниот напредок кон интеграција во ЕУ. Ветерниот парк Штип е првата од трите планирани фази во рамките на истиот кластер на проекти, а АЕП работи на тоа изградбата на следните фази да започне во наредните месеци.
Проектот со моќност од 131,25 MW опфаќа дваесет и една ветерна турбина, секоја со моќност од 6,25 MW и има обезбеден долгорочен договор за откуп на електричната енергија со меѓународна корпорација со инвестициски кредитен рејтинг. Ветерниот парк Штип е најголемиот ветерен проект во регионот развиен целосно врз основа на приватен договор за откуп, без потпирање на државна поддршка, што претставува преседан за приватното финансирање на инфраструктурата во регионот. Се очекува проектот да биде целосно оперативен до 2028 година и да произведува доволно чиста енергија за снабдување на повеќе од 148 000 домаќинства годишно, како и да спречува емисии до 573.000 тони CO₂-еквивалент годишно. Дополнително, во текот на изградбата и работењето ќе бидат ангажирани повеќе од 300 лица, што ќе донесе значајни економски придобивки за околните заедници.
Комбинираниот кластер на проекти ќе има вкупен инсталиран капацитет до 396 MW на територијата на општините Карбинци, Радовиш и Штип, лоцирани приближно 75 километри југоисточно од Скопје и по целосното пуштање во работа повеќе од четирикратно ќе го зголеми вкупниот инсталиран капацитет на ветерна енергија во Северна Македонија. Ветерниот парк Штип е еден од клучните проекти во рамките на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија, промовирана на COP28 и ќе има суштинска улога во поддршката на заложбата на земјата за постепено напуштање на производството на електрична енергија од јаглен и усогласување со стандардите на Европската Унија за обновлива енергија, додека Северна Македонија го продолжува патот кон членство во ЕУ.

Даниел Калдерон, коосновач и управувачки партнер на Алказар Енерџи Партнерс, изјави:
„Исклучително сме благодарни на Владата на Северна Македонија за нејзината посветена работа, поддршка и довербата што му ја укажа на Алказар Енерџи, благодарение на што Ветерниот парк Штип стана реалност. Исто така, сакаме да им се заблагодариме на нашите локални партнери, кредитори и инвеститори, како и на сите наши колеги од Алказар на Балканот и во Обединетите Арапски Емирати. Без вашата поддршка во изминатите неколку години, денес овој проект немаше да биде во изградба.
Овој заеднички успех ни овозможува со доверба да ги реализираме нашите инвестиции, да обезбедиме чиста и достапна електрична енергија и да отвораме работни места. Народот на Северна Македонија нè пречека со исклучителна срдечност и гостопримство. Со нетрпение очекуваме дополнително да ги продлабочиме овие односи, да ја зацврстиме нашата посветеност кон Северна Македонија и заедно да постигнеме уште многу во годините што следуваат.“
Хари Бојд-Карпентер, управен директор за одржлива инфраструктура во ЕБОР, изјави:
„Успешното финансиско затворање на Ветерниот парк Штип претставува голем исчекор и за енергетската транзиција на Северна Македонија и за нашиот долгогодишен партнер Алказар Енерџи. Проектот ќе го зголеми домашното производство на енергија од обновливи извори и ќе ја зајакне енергетската сигурност на Северна Македонија преку искористување на нејзиниот богат ветерен потенцијал, истовремено придонесувајќи кон остварување на целите за декарбонизација. Особено ни е драго што го поддржуваме Алказар Енерџи во нивната прва инвестиција на Балканот, мобилизирајќи приватен капитал за изградба на поотпорна енергетска иднина за земјата и за поширокиот регион.“
Вибке Шлемер, директорка на ИФЦ за Западен Балкан и Јужен Кавказ, изјави:
„Сигурната и достапна енергија е од суштинско значење за економската конкурентност и вработувањето. Како најголем проект за обновлива енергија во Западен Балкан, оваа инвестиција ќе ја зајакне енергетската сигурност на Северна Македонија и ќе помогне во мобилизирањето приватни инвестиции. Инвестицијата, исто така, ќе придонесе кон задоволување на растечките потреби за електрична енергија на современата економија, која сè повеќе се потпира на дигитални технологии и центри за податоци, а истовремено ќе им овозможи на компаниите да растат, да иновираат и да отвораат работни места.“
Маркус Криглер, раководител за корпоративни клиенти на ниво на групација во Ерсте Груп Банк АГ, изјави:
„Како водечка банкарска групација во Централна и Источна Европа, исклучително сме горди што успешно постигнавме финансиско затворање за да поддржиме уште еден проект за ветерен парк во Северна Македонија. Оваа инвестиција е еден од темелите на зелената транзиција на Северна Македонија, со значителен придонес кон зголемување на домашното производство на чиста енергија и кон регионалната енергетска сигурност. Многу сме благодарни за одличната соработка со инвеститорот и со нетрпение очекуваме да бидеме партнери и во идните проекти. Оваа пресвртница ја одразува нашата длабока и континуирана посветеност кон поддршката на одржливиот раст, долгорочните партнерства во целиот регион, како и европските аспирации на Северна Македонија.“
Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија, изјави:
„Денеска гледаме стотици градежни машини, го гледаме почетокот на инсталирањето на производните капацитети на ветерниците, гледаме институции кои работеа партнерски и докажаа дека кога партнерски се работи, позитивниот резултат е неизбежен.
Отпочнуваме инвестиција која, кога целосно ќе биде реализирана, ќе вреди околу половина милијарда долари. Но, она што мене дополнително ме охрабрува е фактот што од инвеститорот слушнав дека тука не почнуваат и не завршуваат нивните планови за инвестирање во Македонија, туку, напротив, тие имаат и други планови за кои ќе ја имаат поддршката на Владата.
И целокупниот институционален ризик кој е неопходно да се надмине за овие проекти да станат реалност ќе биде обврска на Владата. Затоа ја користам оваа прилика да испратам силна порака и до инвеститорот и до заемодавателите дека ние, како Влада, имаме врвен приоритет да поддржуваме ваков тип на гринфилд инвестиции.
Особено инвестиции во кои инвеститорот сето она што го произведува го продава на слободен пазар и придонесува позитивно кон македонскиот БДП и македонската економија.“
За Алказар Енерџи Партнерс
Алказар Енерџи Партнерс (АЕП) е независен управувач со инфраструктурни фондови, фокусиран на инвестирање и развој на големи капацитети за обновлива енергија на пазарите во развој. Од 2014 година, АЕП успешно управува со два инвестициски фонда: АЕП-I, преку кој се мобилизирани приближно 750 милиони американски долари во ветерни и соларни капацитети и АЕП-II, кој во мај 2024 година достигна конечен износ од 490 милиони американски долари и ќе мобилизира приближно 2 милијарди американски долари на пазарите во развој. АЕП обедини реномирани јавни и приватни инвеститори од Северна Америка, Азија, Европа и Блискиот Исток за да создаде финансиски атрактивни инвестициски можности на пазарите во развој. Тековното портфолио на АЕП со проекти во фаза на развој и изградба надминува 3 GW.

















