
16 македонски производители на семенски материјал добија финансиска поддршка од речиси 39 милиони денари. Оваа помош доаѓа преку дополнителните директни плаќања, кои се дел од програмата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, за поддршка на домашното производство на сертифициран семенски материјал. Станува збор за семиња од прва и втора генерација, наменети за различни култури, од житни и фуражни, до индустриски и градинарски.
Право на овие средства имаат стопанствата што се внесени во Регистарот на снабдувачи на семенски материјал и кои во текот на 2024 година произвеле семенски материјал, кој потоа го продале или го користеле за сопствени потреби, добивајќи соодветни сертификати според Законот за семенски и саден материјал.























