
Со оглед на зголемувањето на цените на нафтата на светските пазари и ценовниот притисок што го чувствува целиот регион и светот, снабдувањето со гориво во Македонија е стабилно. Компаниите располагаат со обезбедени залихи, а дополнителното снабдување е зајакнато преку продуктоводот „Вардакс“. Владата внимателно ја следи состојбата.
“Доколку глобалните ценовни притисоци продолжат, подготвени сме да ги искористиме сите механизми што ни стојат на располагање за да го заштитиме стандардот на граѓаните,” изјави денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на заедничката прес-конференција со главниот извршен директор на „Окта“ АД – Скопје, Димитрис Пасхос.
Таа потсети дека согласно Правилникот за нивото и начинот на пресметка на оперативни резерви, трговецот во секое време треба да има оперативни резерви од нафтени деривати и горива за транспорт за покривање на петдневен просечен обем на трговија за секој нафтен дериват поединечно, остварен од претходната календарска година.
Божиновска информира дека разговарале со директорот на Пазарната инспекција, од каде, како што посочиле, направиле повеќе од 300 контроли и утврдиле дека сите ги имаат овие петдневни оперативни резерви, согласно Правилникот.
Министерката додаде дека по кризата, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриска Кочоска, имале состанок со сите нафтени компании, при што сите се изјасниле дека имаат нафта.
“Денес може да најавиме дека компаниите се одговорни во пресрет да се ублажат последиците од глобалната состојба со нафтените деривати, при што компанијата „Окта“ донесе одлука, почнувајќи од денеска до крајот на март да обезбеди попуст од 2,4 денари на килограм, или два денари по литар за дизел и бензините за трговците кои набавуваат горива од компанијата.”
Овој потег доаѓа по зголемените количини гориво, кои се обезбедени преку продуктоводот „Вардакс“ и дополнително го зајакнува снабдувањето на нашата држава, нагласи Божиновска.
Министерката истакна дека конфликтот на Блискиот Исток го запре транспортот низ Ормускиот теснец, клучен морски пат низ кој минуваат околу 20 проценти од светската нафта.
“Цените на глобалните енергетски пазари нагло пораснаа, целиот свет реагира со мерки, засега секако краткорочни, се следи ситуацијата. Меѓународната агенција за енергија објави дека ќе ослободи 400 милиони барели нафта од своите резерви, што е најголема количина досега во историјата. Одлуката била донесена едногласно. Американското Министерство за финансии издаде 30-дневна лиценца, со која се дозволува испорака и продажба на руска нафта и деривати, што веќе се натоварени на танкери и се на море и ова е секако краткорочна мерка и важи до 11 април 2026 година,” истакна Божиновска.
Извор: МИА























