
Онлајн купувањето станува сѐ почеста навика, но искуството не е секогаш без проблеми. Најновите податоци од истражувањето на Евростат за 2025 година, посветено на користењето на информатичко-комуникациските технологии, покажуваат дека значителен дел од купувачите се соочиле со потешкотии при нарачките преку интернет.
Во Македонија, речиси три од десет лица кои купувале онлајн, односно 29,41 проценти, изјавиле дека имале одреден проблем додека нарачувале преку веб-страници или мобилни апликации. На ниво на Европската Унија ситуацијата е уште поизразена: повеќе од една третина од е-купувачите, или 35,4 проценти, пријавиле непријатности при интернет-пазарувањето.
Разликите меѓу европските држави се значителни. На врвот на листата според процентот на корисници со негативно искуство се Малта, каде дури 64 проценти од купувачите се пожалиле на проблеми, потоа Холандија со 57,9 проценти и Луксембург со 51,4 проценти. Од друга страна, најмалку поплаки има во Португалија, каде што само 4,5 проценти од купувачите наишле на потешкотии. Ниски стапки се регистрирани и во Грција (10,6 проценти) и Летонија (13,3 проценти).























