
Извор: Индекс.хр
Непредвидливите конфликти и ограничувањата на аеродромите во многу делови од Блискиот исток ги натераа туристите да ги откажат своите патувања кон оваа регија. Како резултат на тоа, интересот за класични дестинации како Турција, Грција, Египет и Кипар драстично опадна. За оние кои сѐ уште сакаат сонце, плажа и безбедно патување, шпанската Коста дел Сол се издвојува како идеална алтернатива, пишува Daily Mail.
Овој дел од јужна Шпанија, каде се наоѓаат Малага и Марбела, е лесно достапен со директни летови од голем број европски градови. Регионoт е познат по политичката стабилност и општата безбедност, што го прави привлечен за патници кои бараат спокоен одмор. Коста дел Сол нуди сѐ од луксузни одморалишта до културни доживувања, а августовските температури од околу 32°C и околу 11 сончеви часа дневно гарантираат топло и сончево лето.
Додека Марбела е синоним за гламур и познати личности, соседната Естепона нуди поумирен амбиент, со модерни ресторани и барови, но сè уште зачувана традиционална андалузиска култура.
Интересни факти за Коста дел Сол
Сонце цела година – Името „Коста дел Сол“ (Крајбрежје на сонцето) е добиено токму поради околу 3000 сончеви часови годишно, што во просек значи осум часа сонце дневно.
Долга линија на плажи – Регионот се протега околу 175 километри долж Малага, од Манилва до Нерха, нудејќи туристички дестинации како Торемолинос, Фуенхирола, Марбела и Естепона.
Историски корени – Историјата на Коста дел Сол е долга речиси 3000 години. Фениќани, Картагинци, Римјани и Маври оставиле траги кои денес можат да се видат во архитектурата и културата на регионот. Малага, најголемиот град, е основан како Malaka пред околу 2800 години и денес е културно и сообраќајно средиште на Андалузија.
Туристички развој и слава – Масовниот туризам започнува во 1950-тите, а регионов стекнува гламурозна репутација благодарение на посети на холивудски ѕвезди како Френк Синатра, Марлон Брандо, Грејс Кели и Салвадор Дали.
Традиционални „бели села“ и гастрономија – Внатрешноста на крајбрежјето изобилува со pueblos blancos – бели села со тесни улици, а најпознатото јадење е сардината на стап (espeto), традиција стара повеќе од 150 години.
Природна разновидност – Плажите се само еден дел од убавината. Планинскиот венец зад крајбрежјето нуди села, природни паркови и неверојатни погледи на Медитеранот.























