
Основното јавно обвинителство во Битола отвори истрага за тешко кривично дело по трагичниот случај во кој животот го загуби 31-годишната Ајнет Бејсел.
Според досегашните информации од истрагата, осомничен е 33-годишен маж, нејзин поранешен вонбрачен партнер, со кого жртвата не живеела заедно. Инцидентот се случил во домот на нејзиниот татко во Битола, каде таа престојувала.
Од обвинителството наведуваат дека нападот се случил во раните утрински часови, при што жената била смртно повредена и починала на самото место. Осомничениот е веднаш лишен од слобода.
Случајот добива дополнителна тежина поради тоа што жртвата зад себе оставила четири малолетни деца. Обвинителството го товари осомничениот за „убиство при вршење семејно насилство“, а веќе е побарана мерка притвор поради опасност од бегство и понатамошно попречување на постапката.
















